Реакција и препораки на Мрежата за спречување на одлив на мозоци во пресрет на парламентарните избори

Претстојните парламентарни избори се шанса за политичките партии да покажат дека имаат визија како повеќе млади да останат во земјата. Бидејќи следните четири години не навестуваат дека трендот на одлив на мозоци и иселување на младите од земјата ќе престане, одвраќањето на овој тренд треба да биде највисок приоритет за политичките партии.

Во претстојната предизборна кампања младите треба да видат што е тоа што политичките партии имаат да го понудат, а е поразлично од претходно и навистина ќе направи разлика во рок од еден мандат. Состојбата и сериозноста на ситуацијата со одливот на млади луѓе од земјава го скратува луксузот за празни флоскули и бара конкретни решенија. Со оглед на повеќеслојноста на феноменот на одлив на мозоци, младите и младинските организации очекуваат идеи и конкретни планови пресликани во сите аспекти на политичките програми. Политичките програми треба да ја рефлектираат моменталната ситуација, да посочат приоритетни области, конкретни цели и рокови и да определат засегнати институции и ресурси.

Политичките партии треба да ги консултираат младите, младинските организации. Ниедна идеја за младите нема да биде успешна без нивно активно вклучување. Но, вклучувањето на младите во никој случај не се исцрпува само со консултација. Политичките партии треба јавно и недвосмислено да се обврзат дека ќе ги земат предвид потребите и препораките на младите и младинските организации. Претстојните избори се, исто така, шанса и за подмладоците на политичките партии да покажат дека имаат можност да влијаат врз политичките програми и силно да се засегнат да ги застапуваат интересите на младите.

Ние како младински организации од Мрежата за спречување на одлив на мозоци, сметаме дека е важно младите да учествуваат во политичкиот процес и да го остварат своето право на глас. Но, исто така, ние немаме илузии дека младите ќе излезат да гласаат доколку не видат јасни идеи за како да се подобри нивната ситуација. Политичките партии што ќе успеат да покажат дека имаат доблест да ги согледаат грешките од минатото и визија да ја обликуваат иднината, имаат шанса да ја добијат поддршката од младите гласачи. Ќе бидат препознаени само идеи кои ќе го надградат нивото на кое досега засегнатите институции се грижеа, како за младите во земјата, така и за младите кои веќе ја напуштија.

Досега, младите, а и целото општество во целина сведочеше ограничени обиди да се одврати трендот на одлив на мозоци. Досегашните обиди беа на маргините на политичкиот ангажман без ни приближно доволна насоченост на соодветни ресурси. На политиките за спречување на одлив на мозоци им недостигаше сеопфатност и континутитет. Со цел конструктивен придонес и отсликување на контурите на очекуваната интервенција, Мрежата за спречување на одлив на мозоци, подготви низа на конкретни препораки кои може да се земат предвид при подготовка на политичките програми. 

ПРЕПОРАКИ 

  1. Министерството за образование и наука да донесе нова Стратегија за спречување на одливот на мозоци и стимулирање на циркуларната миграција со реални мерки и активности и фокус на најновите неекономски трендови и податоци за младите
  2. Министерството за образование и наука да спроведе реформа на сите нивоа на образование која ќе се базира на користење нови технологии, дигитализација и модернизација на наставните програми и администрацијата.
  3. Министерството за образование и наука да овозможи практични и модерни вештини барани на пазарот на трудот преку редовна и вонредна настава и активности, како и обучување на наставниот кадар за модерни начини на пренос на знаење, методологија и технологија.
  4. Министерството за образование и наука да стави во употреба и да формира нови кариерни центри во средните училишта и универзитетите кои ќе им помагаат на младите во нивниот кариерен избор и професионално усовршување, потпирајќи се на потребите на домашниот пазар на труд. 
  5. Агенцијата за иселеништво и Агенцијата за странски инвестиции да формираат систам за прибирање информации за нашата млада интелектуална дијаспора и да интензивира промоцијата на државата како “инвестициски рај” со цел привлекување директни инвестиции од младите и пренос на знаење, практики и искуство. 
  6. Државните институциите да создадат овозможувачка културата на вклучување на младите и користење на нивното знаење и потенцијал и да се дигитализираат услугите на државната администрација за остварување на основните права на младите и бизнисите водени од млади.
  7. Министерството за економија да охрабри и финансиски да поддржи отворање на бизниси на локално ниво и да се децентрализира понудата и работата на бизнисите основани од млади луѓе
  8. Агенцијата за млади и спорт да ја прошири и интензивира праксата на отворање младински центри во секоја општина во државата и создавање децентрализирани можности за раст, развој и практични животни вештини на младите
  9. Агенцијата за млади и спорт да го стави одливот на мозоци и миграцијата на младите како еден од приоритетите на работењето на и да се стимулира соработка со другите институции во однос на ова прашање.
  10. Државниот завод за статистика да прибира и врши квалитативна анализа на статистички податоци за младите, нивните миграции и посебно за емиграцијата на младите и образовани стручни кадри.

Преземете го целосниот документ на следниов ЛИНК

Неостварувањето/ непочитување на човековите права причина за одливот на мозоци?

Одлив на мозоци е термин кој секојдневно се повеќе се слуша, но колкав процент од населението сериозно го сфаќа овој феномен, или уште подобро кажано колкав процент од политичарите сериозно го сфаќаат?

За жал немам одговор на ова прашање, односно многу повеќе граѓани и здруженија посериозно го сфаќаат овој феномен за разлика од политичарите во нашата држава. Речиси секој од нас во своја близина има некој близок кој заминал од државата по подобар живот, без разлика на причината за тоа .А причините за одливот на мозоци не е тешко да се согледаат: ниските плати, лошото образование, малите можности за напредок во работата, политичката ситуација или пак неможноста за остварување на основните човековите права и слободи и слично.

Токму на последната од наведените причини би сакал да се фокусирам во овој текст.

Факт е дека населението особено младите во се поголем број заминуваат од нашата држава, но точните бројки на заминати млади за жал ги немаме затоа што сме немале попис на населението речиси две децении. Според податоците на државниот завод за статистика во период од 2005-2017 година бројот на иселени граѓани на нашата држава изнесува 12.558, но според меѓународните институции оваа бројка е многу поголема. На пример во извештајот на Светската банка за „Миграција и одлив на мозоци во Европа и Централна Азија“ се споменува број од околу 500.000 иселени граѓани на нашата држава. Оваа е навистина поразувачки факт за целата држава особено за политичките елити кои се одговорни за креирање на популационата политика во државата. Додека една од две најголеми партии се наоѓа во опозиција постојано зборува за иселувањето на граѓаните особено на оние млади високо квалификувани кадри и вината ја упатува директно кон владејачката партија. Поминуваат неколку години и таа партија доаѓа на власт, а чекорите кои ги презема за спречување на одливот на мозоци се сведуваат речиси на нула. 

Би издвоил 3 генерални поенти кои според мене се причина за иселувањето на младите од нашата држава, а се поврзани со основните човекови права и слободи.

  1. Право на квалитетно образование приспособено на сечија образовна потреба

Пред се ќе пишувам од аспект на лице кое се соочува со дислексија, а како таков би требало да имам право на соодветно образование според моите потреби или пак прилагодена образовна програма како што е случај во најголем дел од Европските држави. Но тоа за наши услови речиси и да претставува научна фантастика, а со самото тоа јас не можам да си ги остварам моите основни права т.е соодветно образование, а членот број 26 од универзалната декларација за човекови права гласи:

  • Секој има право на образование. Образованието ќе биде бесплатно, барем на ниво на основно образование.
  • Образованието ќе биде насочено кон целосниот развој на човековата личност и кон зајакнување и почитување на човековите права и основни слободи.

Овој член се однесува и за лицата со посебни образовни потреби вклучително и за лицата со дислексија и потешкотии во учењето. Јас како и останатите лицата со дислексија сме биле или сме дел од редовното образование, но дали и колку квалитетно образование добиваме е  прашање на кое што е тешко да се одговори.  Доколку живеев во некоја од развиените Европски држави за мене и за луѓето како мене ќе имаше посебна образовна програма која е прилагодена според нашите образовни потреби и најверојатно ќе се стекнев со многу поголеми знаења, но и најважно од се за мојата состојба ќе имаше разбирање затоа што дислексијата во европските држави е законски регулирана. Во Македонија учениците со дислексија се поставени на маргините, најчесто карактеризирани како мрзеливи,недоволно способни, ученици со ограничени способности и сл. А со ваквиот однос, непостоењето на прецизна законска регулатива за дислексијата, за нас лицата со дислексија образовниот процес е вистински кошмар. Доколку се образуваме според системот на образование кој што се применува во Велика Британија ќе имав право на аудио учебници, секој тест на училиште ќе можев да го одговарам усно наместо писмено и со сигурност ќе имав поддршка во училиштето од експерт за дислексија. Ова се само мал дел од правата кои би ги уживал доколку образовниот процес го имав надвор од мојата држава

Од друга страна кога зборуваме општо за образованието мислам дека последните резултати на ПИСА тестирањето ни докажаа колкав е квалитетот на образованието во нашата држава. Постојано во медиумите се појавуваат извадоци од Македонски учебници за основно и средно образование каде што се изучуваат скандалозни работи и работи кои се против основните човекови права. Пример за тоа е текстот во учебникот по социологија за втора година каде што се пишува за абортусот како криминал. Во однос на високото образование ќе напоменам еден мој личен пример, во периодот кога студирав, поточно 2013 година во еден од предметите за продажни стратегии и маркетинг учевме од книга од 1998 година каде што се зборуваше за поделбата на трговските центри и како големи трговски центри во нашата држава беше наведен  Т.Ц Бујаковец, а токму ова беше и поставено како прашање на колоквиум. На прв поглед звучи смешно, но од друга страна е трагично во ерата на социјалните медиуми, дигиталната продажба и дигитализацијата на пазарот да учиме дека голем трговски центар во нашата држава е Т.Ц Буњаковец. Додека ги завршував додипломските студии за маркетинг паралелно се одвиваа и мастер студиите во кои се изучуваа голем дел од истите предмети како на додипломските студии со истите учебници. Иако имам желба и мастер студиите да ги завршам во оваа област сигурно не сакам повторно да ги учам истите предмети и да ги полагам истите колоквиуми само за да добијам титула Магистер. Многу едноставно , она што го  барам и сакам  е квалитетно образование кое очигледно го немаме.

  • Право на еднаква можност за сите

Ќе зборувам од моето лично искуство, моите родители ми докажале дека во оваа држава може добро да се живее и заработува и истото го мислев се до моите 23 години односно до периодот кога започна  градењето на моето професионално искуство. Во тој период  започнав да ги гледам работите и случувањата околу мене од поинаков агол, моите родители немаат приватен бизнис за да имам веднаш каде да се вработам ниту пак се луѓе кои би ми “фаќале” врски за вработување или професионална надградба. И јас, како и секој  просечен млад човек се трудам да пронајдам  начин да ја обезбедам мојата иднина како на професионален така и на финансиски план. И да речеме , успеав во тоа, самостојно, без ничија помош. Но секогаш со го поставувам истото прашање – дали мојот труд и ангажман се соодветно  вреднувани , дали финансиските средства што ги обезбедувам се доволни за да планирам сопствено семејство – струја, вода, пелени… И не си го поставувам прашањето само во однос на финансиите туку и прашањето – дали јас можам професионално да напредувам, дали некој ги согледа моите потенцијали, дали мојот труд и ангажман се видливи.  Не зборувам само за мене, туку мојот став го темелам врз приказните на најголем дел од младите кои се во моја близина. Ете, и сите тие успеале да се вработат и имаат  просечни или подпросечни примања според македонските стандарди. Сепак сите си го поставуваат истото прашањето : ќе стигнат ли парите до крајот на месецот, ќе добијам ли некое унапредување за мојот труд.

Дали во Македонија сите имаат еднакви можности?

Според мене секако дека НЕ. Мојот став го имам изградено врз основ на секојдневните случувања и воопшто врз самото опкружување во нашата држава.   За жал се уште во нашата држава партиската книшка е едната од најважните “алатки” за просперитет. Без разлика дали зборуваме за вработување, добивање на некој тендер, запишување во градинка, па се неплаќање на казна за сообраќаен прекршок.

Ќе дадам еден пластичен пример:

Замислете дека вашата животна желба е да бидете наставник и да ги градите новите генерации, свесни сте дека посебно удобен живот нема да имате со наставничката плата ама сепак ја сакате таа работа. Вашето образование  е веќе завршено, можеби сте биле и најдобар студент во вашата генерација, но не сте политички активен и секако немате партиска книшка. Се објавува оглас за наставник во едно училиште конкурирате вие и уште дваесетина ваши колеги меѓу кои веројатно вие имате и најдобри квалификации. После некое време ве известуваат дека работата не сте ја добиле вие ( а можеби и нема ни да ве известат) и дознавате дека тоа работно место го добила колешката која што за време на студиите ја имате запознаено како некој кој ве убедувал колку програмата на некоја политичка партија е перфектна за нашата држава. Тажно зарем не? Секако дека да, но тоа е нашата реалност со која речиси секој од нас барем еднаш во животот се соочил, односно партизацијата на општеството и нееднаквоста на сите граѓани пред државата.

Правото на слободно изразување

Првите пориви и желба да си одам од мојата татковина  ги добив во 2015 година. Од една страна имав работа во која навистина се пронаоѓав и уживав, а од друга страна политичката криза во државата се разгоруваше. Граѓанството почна да негодува, протести и немир. Се сеќавам на  протестот на 5ти мај 2015 . Протестот се случи поради штотуку објавените “бомби“ во кои се слушаше прикривање на убиство на млад човек – Мартин Нешковски.  Како човек кој критички размислува чувствував граѓанска одговорност да бидам дел од тој протест за да можам на најдемократски начин да го изразам своето незадоволство од моменталната политичка состојба во која се наоѓавме.  Но се случи нешто што никогаш не сум замислувал дека може да се случи во мојата татковина. На пат накај дома бев претепан од страна на полицијата, иако во ниту еден момент не повикував ниту преземав било какви насилни мерки кон нив. Таа вечер и јас можев да бидам Мартин Нешковски. Сведоци бевме на  невидена полициска бруталност при упадот во читалната каде што учеа студентите и полициската  “голема” рака беше крената кон младите и иднината на нашата држава. Кога спласна вознемиреноста од насилното однесување на полицијата во глава ми се сврте мислата дека во оваа наша држава обичниот граѓанин не може да си ги оствари основните човекови права. И да признавам тоа беше првиот пат кога сериозно размислував да си одам од државата и да си ја пробам среќата во некоја држава каде што системот функционира нормално и каде што слободно можам да го изразам своето незадоволство.

Само ставете се во кожата на млад човек и замислете дека вие тука во држава каде што е ограничено правото на слободно изразување треба да создадете иднина и да ги воспитувате вашите деца, песимистички и поразувачки е нели?

Во тој период мислам дека ваквата политичка ситуација беше и една од поважните причини зошто младите заминуваа од државата, верувам дека никој не би сакал да живее и создава иднина во држава во која што во 21виот век се ограничува правото на слободно изразување и размислување. Токму тоа беше периодот во кој што бевме сведоци на речиси тотален медиумски мрак без точни и транспарентни вести и информации, се случуваше “десороизација” на граѓанските организации, се плашевме да критикуваме, ни беше страв да не сме послушувани и едноставно се чувствуваме дека ставени под диктаторски режим.

Но сега е веќе 2020 година речиси четири години по “паѓањето” на т.н режим, ситуацијата е дефинитивно променета барем во однос на слободата на изразување, се чувствуваме послободни да реагираме, критикуваме и слободно да ги изразуваме своите ставови и мислења јавно. Но сепак ова е поле на кое што треба се уште голема ангажираност и напорна работа од страна на властите, но и од страна на нас граѓаните.

За крај морам да напоменам дека феноменот на одлив на мозоци не се случува само кај нас. Истото е застапено и во земјите на ЕУ особено оние држави од маргините на ЕУ и оние што неодамна се имаат придружено на оваа заедница. Официјалните истражувања на ЕУ за ова прашање открија дека во 2017 година скоро 17 милиони граѓани на ЕУ се преселиле во другите земји членки на ЕУ, од кои 32% биле на возраст меѓу 15 и 34 години. Германија е наведена како држава со најдобри услови за млади европски граѓани па и не треба да не чуди фактот што толкав број на наши граѓани одат токму таму.  Романија, Полска, Италија, Португалија и Хрватска се земјите од ЕУ од каде што младите најмногу заминуваат.

Јас сепак се уште сум тука во оваа држава затоа што верувам дека токму младите се силата на едно општество и дека ние сме тие кои треба да ги поттикнеме промените. Убеден сум дека оваа држава може да биде пријатно место за живеење кое ќе ни понуди финансиска стабилност, квалитетно образование како и квалитетен живот и сигурна иднина.

Дамјан Николовски, Претседател

Здружение за дислексија Ајнштајн

Нема земја за старци Како од „одлив до прилив на мозоци?” Искуства од соседството и пошироко

За предизвикот на иселувањето на младите треба многу повеќе креативност, макотрпна работа и долгорочна визија од него слободен превоз во вторник и четврток и бесплатно користење на дебарските бањи. Некои од Европските, но и од соседните држави навремено го сфатија ова, искористувајќи ја младата дијаспора како најголема шанса и решение за справување со одливот на мозоци”.

Тридеценискиот нон-пејпер мотив за иселување на младите

Се чини дека во изминатите триесетина години, јавниот дискурс во нашата држава е збогатен со уште една празна флоскула: младите. Пандан на секојдневните добро ислушани термини како експерт, реформи, демократизација, транзиција, владеење на правото и др., поимот млади истовремено значи сè, ама и апсолутно ништо. Често централна тема во наративот на политичарите, нормално, кога има простор од многуте “државни”  прашања кои ни го загадија духот повеќе од скопскиот воздух, младите и нивните надежи сè уште остануваат само еден од инструментите за влијание во рацете на политичарите и политичките партии. Нивната иднина е прашање на преговори и договори како и сè досега во изминатите три децении.

Од самата независност, младите во нашата држава се гледале како најгорлив проблем, а не решение, иако се тие кои незаслужено го носат товарот на општествено-вредносната транзиција, често  етикетирани како мрзливи, инертни и бескорисни. Оваа системската негрижа на младите ги позиционира како една од најмаргинализираните и најзанемарени категории граѓани. Само за илустрација, Северна Македонија има највисока стапка на младинска невработеност на Балканот од 37 %, во која една третина од младите не се вработени, ниту вклучени во образование или обука и се на ризикот од сиромаштија. (Државен Завод за статистика 2019).

Долготрајните транзициски и евроатлански процеси испреплетени со бројни разочарувања и неправди спрема младите, ги принудија сами да ги бараат своите решенија. Секако, сакајќи да се дистанцираат од безидејноста и безволието на надлежните институции и власти, тие цврсто одлучија да ги користат бенефитите на глобалниот и мобилен свет и да “гласаат со нозете”. Зачекорувајќи кон западно-европските и прекуокеански “ветени” земји, каде што тревата е секогаш позелена и сонцето посветло сјае, полека, но сигурно, иселувањето на младите може да се окарактеризира како масовна евакуација, него миграција! Според Извештајот на Светската банка (2019), во изминатите години, приближно 500.000 луѓе веќе ја напуштиле земјата, од кои најголем дел млади, високо обучени и квалификувани луѓе. Овие статистики ја позиционираат Северна Македонија како една од државите со највисок емиграциски тренд во светски рамки.

Најпластична илустрација за сериозноста на феноменот на “одливот на мозоци” е фактот што младите кои треба да се грижат за нашето образование, знаење и здравје и оние кои треба да бидат интелектуален носител на позитивните промени, “ладнокрвно” ја напушаат или претендираат да ја напуштат државата засекогаш. 69 % од универзитетските професори, асистенти и истражувачи би сакале да ја напуштат државата, а над 20 % веќе имаат преземено конкретни активности за напуштање на истата (Институтот за стратешки истражувања и едукација, 2018), додека во последните осум години, земјава ја напуштиле повеќе од 1200 лекари (Лекарската комора на Северна Македонија 2019).

Но, овие професии се само дел од генералната слика за силната желба за емиграцијата на нашиот млад талент. Истражувањето на германската Фондација „Фридрих Еберт“ (2019), покажува дека повеќе од две третини од испитаниците имаат желба да ја напуштат државата. Сепак, прашањето на “одливот на мозоци” e доста покомплексно од тоа што се гледа само на површината. Едноставната фраза дека “младите си одат за повеќе пари и подобри плати” сè повеќе ја губи својата релевантност и додава кон релативизацијата на феноменот (повеќе ТУКА). Од спротива пак, емиграциските “профитери” како Германија, Швајцарија, Австрија, Обединетото Кралство, САД и др. задоволно тријат раце и топло ги пречекуваат нашите “мрзливи, интертни и бескорисни” млади како најголеми таленти, нудејќи им сè поедноставни услови да станат нивни стални жители.

Од негативен до позитивен наратив за одливот на мозоци?

Но, да се навратиме на националниот наратив кој емиграцијата (слично како и самите млади) секојдневно ја претставуваат како негативен феномен. За волја на вистината, на прв поглед можеби и нема ништо позитивно во целата приказна. Иселувањето отсекогаш била традиционална, македонска емотивна тема која зазема и голем дел од нашата литература, и која има далекусежни последици на лично и општествено ниво.

Во оваа смисла, во изминатите неколку години интензивно се дискутира иднината на младите во нашата држава, често користејќи ги термините “да се задржат младите”, “да се спречат да се иселат”, “да се натераат да останат.” Сепак, глобализацијата, технологијата и скоро непостоечките бариери за миграција, не даваат ни најмал простор, ниту оправданост да се зборува за спречување или задржување на младите. Онаа народната “подобро да се спречи него да се лечи” e апсолутно неприменлива за модерната млада и образована индивидуа, на која денес буквално светот и е на дланка.  

Иако станува збор за докрај неиздржани кованици во македонскиот јазик кои алудираат на негативни мерки и рестрикции, сржта на политиките и мерките за “одлив на мозоци” e позитивна. Наједноставно, кога зборуваме за овој феномен, зборуваме за креирање на позитивни услови за младите квалитетни и образовани кадри да сакаат да останат, творат, да придонесат и да го искористат својот талент во својата земја. Најважно, успешните политики за “одлив на мозоци” ја претставуваат и другата страна на приказната на миграцијата на младите и поддржуваат и ревезибилен процес на “прилив на мозоци.” Овие политики ги свртуваат на глава емиграциите и сфаќањата за “одливот на мозоци” и се насочени токму кон привлекување на младите стручни и образовани кадри од дијаспората (како и квалитетни млади од други земји) назад во татковината.  

Но, поразителните бројки и интензитетот на иселувањето на младите, алудираат на потребата од радикална промена на досегашните политики  кои мора да се креираат и спроведат со забрзано темпо и во синхронизација на сите релевантни актери (повеќе ТУКА). Особено што статистиката и искуствата од поновите земји членки на ЕУ, како Бугарија, Романија, Хрватска, Полска, Естонија и др. укажуваат на тоа дека најголемите емиграциски бранови на младите луѓе се случиле токму после нивниот влез во ЕУ (Еуростат 2019). Како претенденти за влез во Европското семејство, ова е последниот аларм за неопходната паника која недостасува за ефикасното менаџирање на младите, кои без суштински промени одбројувањето до влезот во ЕУ ќе го чекаат со куферите во рака.

Приказни од пoблиското и подалечно соседство

За предизвикот на иселувањето на младите треба многу повеќе креативност, макотрпна работа и долгорочна визија од него слободен превоз во вторник и четврток и бесплатно користење на дебарските бањи. “Одливот на мозоци” е хронична главоболка за сите која не поминува лесно, ниту ќе помине со едноставно препишување терапија од политички квази-лекови. Некои од Европските, но и од соседните држави навремено го сфатија ова, користејќи ја младата дијаспора како најголема шанса и решение за справување со “одливот на мозоци”.

Неодамна, полските политики за иселувањето на младите одекнаа во медиумите како една од најдрастичните мерки во борбата со  “одливот на мозоци.” Јавно признавајќи го иселувањето на младите како најголемиот пораз за Полската нација, премиерот Матеус Моравиецки иницира донесување закон (поддржан со повеќе од половина милијарда евра) за укинување на персоналниот данок на секој граѓанин под 26 години, таргетирајќи околу 2 милиони млади Полјаци. Слично и Хрватска, го укина персоналниот данок за младите под 25 години и воедно го намали за 50 % за млади помеѓу 25 и 30 години, со цел нивелирање на разликите во примањата со поразвиените земји и натпреварување за својот млад талент.

Во соседна Бугарија, Пловдив е исклучокот од правилото за емиграционите трендови. Вториот град по големина во 2017 е единствениот во Бугарија кој има повисока стапка на младинска имиграција во однос на емиграцијата за 7 % (The Guardian 2019). Од традиционално индустриски град, преку конкретни економски и младински политки, Пловдив се трансформира во средиште на урбан развој. Ставајќи акцент на ИТ секторот, бенефиции за бизниси, можности за аутсорсинг и промоција на младинскиот урбан културен живот, Пловдив ја е во предност кај младиот талент во однос на главниот град Софија.

Пловдив на некој начин е балканскиот Талин, кој исто така успеа да ја трансформира Естонија (земја со само 1.7 милиони жители) во “дигиталниот тигар” на Европа, земја со највисоко ниво на дигитализација и најголем број на стартапи. Креирајќи култура на “инвестициски рај” за младите и особено “дигиталните номади” и фриленсери, Естонија во 2018 ја воведе и првата виза за нив, привлекувајќи илјадници млади ИТ таленти од Азија и Европа, но и неколку стотици Естонци, млади претприемачи назад преку бизнис програмата “Талентот назад дома” (2011). Сличен концепт на Естонскиот неодамна најави и Србија, која формира независна Агенција за циркуларна миграција со цел враќање на младата српска дијаспора назад во татковината.  

Уште поблизок пример е Албанија како првата земја од Западен Балкан која институционално пристапи на предизвикот уште во 2006 година. Под лидерство на тогашниот премиер Сали Бериша, беше креирана сеопфатна национална Програма за “прилив на мозоци” како една од  ретките  во светски рамки во тоа време. Програмата во својата петгодишна имплементација успеа да привлече 137 високо образовани млади кој дополнително го етаблираа Универзитетот во Драч, помогнаа во креирање мрежа на илјадници високо образовани Албанци во странство и отворија неколку нови прогресивни одделенија во рамките на националните министерства.  Сепак, иако ова е најраниот конкретен обид за “прилив на мозоци” во регионот, неговата успешност е дискутабилна со оглед на сè уште големиот број млади кои ја напуштаат Албанија.

Можеби и највпечатливиот пример и земјата која условно кажано ја победи емиграцијата е Ирска. Забележувајќи го проблемот уште во раните 1990-ти, тогашната претседателка Мери Робинсон даде силни политички заложби за создавање на нова Ирска која “значајно ќе се реосмисли и ќе го врати кредибилитетот во економска смисла” преку својата многубројна и квалитетна дијаспора. Во соработка со граѓанскиот сектор и бизнис заедницата, тогашната влада го создаде првиот “Бизнис Фонд” кој финансиски ги мотивира младите Ирци да ги префрлат своите бизниси во татковина. Покрај Фондот, во подоцнежните години се формираа и разни иницијативи за промоција и анимација на младата дијаспора, кои денес, после повеќе од 20 години истрајна битка со емиграцијата, ја направија Ирска центар на Гугл, Микрософт и други светски гиганти. Ова издигнување и ребрендирање на државата се должи токму на миграциските политики и милијардите евра, знаење и искуство од Ирската дијаспора која мотивираа голем дел од младите Ирци да го пронајдат својот животен пат дома.

Што МОРА уште вчера да се направи?

Прв чекор кон успешно справување со “одливот на мозоци” е неговото признавање дека воопшто и постои. Настрана од говорница на митинг во предизборна кампања, никоја од досегашните влади во овие триесетина години јавно не го призна и прифати овој пораз. Неопходна е искрена, отворена дискусија т.н. објава на “војна” на “одливот на мозоци” базирана на квалитетни и веродостојни податоци за емиграцијата што ќе покажат колку млади си отишле и сакаат да си одат, зошто, кои се и каде се, кои вештини и знаење го носат итн.

Од друга страна, сериозноста на ситуацијата, неопходно бара и промена на наративот за младите и емиграцијата со кој сите сме губитници. Младите не се проблем, ниту емиграцијата по дефиниција е негативен феномен. Напротив, младите се неограничен ресурс на знаење, талент, креативност и енергија од кои и зависи иднината на државата. Дали ќе има кој да нè лечи, кој да нè образова, кој да нè храни, кој да ги полни пензиските фондови итн., зависи од нивните шанси за успех во нашата татковина. Симплифицирањето на “одливот на мозоци” и претставувањето само на најнегативното од негативното не носи прогресивни промени. Затоа, прашањето на емиграцијата од емотивно, мора да стане политичко, научно, финансиско, административно и човечко прашање.

Улогата на сите државни институции, бизнис заедницата, медиумите, граѓанскиот сектор и младите, мора да е јасно позната и синхронизирана до последен детаљ. Политиките треба да ја дадат потребната визија која недостасува и која бара храбро и искрено политичко лидерство, слично како на тоа во Ирска во раните 1990-ти. Продавањето празни зборови и ветувања за НАТО и ЕУ интеграциите не се доволни да се мотивираат младите да останат дома, а уште помалку да се привлечат оние квалитетните кои својот пат го нашле во туѓина.

Поволните услови за овој чекор се тука уште пред неколку години. Бројноста на дијаспората и нивната поврзаност со нивните блиски во државата се гледа по износот на дотациите од странство. Моментално, нашата дијаспора испраќа повеќе од 721 милион евра годишно од кои најголем дел се трошат за секојдневни потреби (читај преживување) на македонските граѓани. Жално, само 1 % се користат за инвестиции кои би го подобриле животниот стандард на сите (Вестминстер Фондација 2019). Колку е неограничен потенцијалот на дијаспората, кажуваат и искуствата од регионот, каде што најголемиот број нови претприемачи и иноватори се токму повратниците. (Светската Организација за Интелектуална Сопственост 2017)

По сите бројки и трендови, моментот за вакво нешто е дојден, a се чини и е последен. Искрената желба за помош од македонската дијаспора, која брои некои 700.000 иселеници не се разгорува со излишени партиотски фрази. На младата дијаспора и треба рационално, економско и човечко поврзување со татковината кое се гарантира преку овозможувачки политики за бизнис, грантови и промоција исто како и во странство. Во оваа насока, мапирањето на младиот талент и човечки капитал од дијаспората е клучен предуслов за понатамошни чекори. Владата, Министерот за дијаспора, Агенцијата за иселеништво, Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот, мора да ги вложат сите напори за привлекување директни инвестиции во Северна Македонија.

Примерите од Естонија и Ирска, укажуваат на тоа дека странските инвестиции од нашата дијаспора треба да се најважните, бидејќи покрај економска добивка, ги носат и нашите млади назад, опремени со знаење и вештини на иднината, кои може да ги охрабрат младите да останат и да ја променат државата од корен. За ова, неопходно е отстранување на сите бариери во секоја смисла на зборот кои се conditio sine qua non за создавање успешна бизнис клима за дијаспората (Од 70-80 мали бизниси како директни инвестиции од дијаспората, 55 % од нив се соочиле со проблеми при отворање бизнис во Северна Македонија – Македонија 2025).

Без конкуренција, “одливот на мозоци” е најважното прашање во државата кон кое треба и така да се пристапи. Сите реформи, дискусии и заложби за НАТО и ЕУ паѓаат во вода ако не останат луѓе во нашата земја кои и ќе го видат и доброто од овие процеси. Ако продолжиме со истиот наратив и безидејност, ќе нема воопшто и потреба од ЕУ ингеграции затоа што нашите млади веќе ќе се во Европа. На Северна Македонија и треба нова приказна, ново реосмислување преку младиот талент и неговите потенцијали. Ни треба итно ребрендирање и трансформација од земја на емиграција во земја на имиграција. Дали ребрендингот ќе е во насока на иновации, технологија, ИТ, земјоделство, култура и др. зависи од сите нас.

Но, едно треба да се сфати. Справувањето со “одливот на мозоци” е долгорочна и макотрпна борба која мора да почне уште вчера. Резултати преку ноќ и магични формули нема.

Реалност или фикција? Северна Македонија 2045: Неколку стотици автомобили со шведски регистарски таблички чекаат за влез во Северна Македонија. Швеѓаните сè уште остануваат најголемите ривали на нашите млади за најквалитетните работни позиции.

Марјан Ицоски, Програмски Менаџер

Асоцијација за едукација Младиинфо Интернационал, Скопје

Одлив на мозоци: национален приоритет или политички наратив?

„Одлив на мозоци“, термин кој речиси секојдневно одекнува во јавниот и медиумски дискурс, а и на политичката сцена во нашата земја. Термин најчесто поврзуван со младите, „креатор“ на политиките за млади, неизоставен дел од политичките наративи, оружје за меѓупартиски „пресметки“ и „ловец“ на политички поени.

Што всушност значи терминот? Речникот на Оксфорд го дефинира како иселување на високо обучени и квалификувани луѓе од одредена земја.

Според оваа дефиниција би се претпоставило дека од земјата си заминуваат оние од кои се очекува најмногу да придонесат кон развојот на нашето општество, од економски, социјален и политички аспект.

Но дали ова е нашата национална реалност?

Според последниот извештај на Светската банка за „Миграција и одлив на мозоци во Европа и Централна Азија“ објавен во 2019, во изминатите години, дури четвртина од населението во нашата земја (приближно 500 000 луѓе) веќе ја напуштилo земјата. Според горенаведената дефиниција тоа би значело дека 500 000 високо обучени и квалификувани луѓе си заминале од Северна Македонија и своите капацитети ги инвестираат во други, веројатно поразвиени, земји.

Но, што е можеме да заклучиме од податоците со кои располагаме? Ако земеме предвид дека извештајот  на Организацијата за економска соработка и развој, направен минатата година, покажа дека половина од младите во нашата земја, по завршување на основно и средно образование, се на ниво на неписменост и немаат основни познавања за успех во животот, како и дека според меѓународните тестирања, каде 50% од младите во тестирањето во 2015 не покажале основни компетенции во математика, природни науки и читање, што не става меѓу последните од рангираните земји во светот, спорно е да се тврди дека тие приближно 500 000 лица кои заминале се високо обучени и квалификувани.

Важно е да разбереме дека терминот „одлив на мозоци“ не е исто што и исселување од земјата. Оттука во недостиг на клучни информации и податоци,  речиси е невозможно да се увиди колку од лицата кои си заминале, вклучувајќи ги и младите, се високо обучени и квалификувани и се сметаат во стапката на „одлив на мозоци“.

Според податоците на Државниот завод за статистика на Република Македонија, вкупниот број на отселени граѓани во периодот 2005-2017година изнесува 12.558, иако постојат индикации дека бројот на граѓани кои постојано живеат во странство е многу поголем. Дополнително, не постојат податоци за конкретниот број на млади кои се отселиле или живеат, постојано или привремено, надвор од државата, ниту пак колку од нив се високо обучени и квалификувани.

Бројката ќе остане непозната во недостиг на попис на население во изминатите 17 години, стапка на наталитет и морталитет, како и точна стапка на иселени од земјата. Самиот недостиг на евиденција на иселени лица од земјата ги остава неодговорени и прашањата поврзани со социо-економската позадина на тие лица и причините поради нивното заминување.

Решив да си одам поради…

Не можеме да тврдиме дека сите кои си заминуваат се високо обучен и квалификуван кадар, но можеме да дадеме претстава за причините поради кои си заминуваат, иако во недостиг на национални анализи се повикуваме на статистики и истражувања изработени од граѓанскиот сектор и меѓународните актери кои делуваат во земјава.

Во изминатите години, сите истражувања покажуваат дека економскиот фактор, односно вработувањето е најчеста причина поради која луѓето, а особено младите, си заминуваат од нашата земја, што се покажа и во последното истражување спроведено од УСАИД и Наванти Груп, каде 74% од младите опфатени со истражувањето си заминале за да најдат подобра работа во странство. И јасно е дека ова не е ништо ново и дека ваквиот тренд влече корени од дамнешно минато, во времето на печалбарите, честа тема во македонската литература. Но кога говориме дека вработувањето е влијателен фактор за феноменот на „одлив на мозоци“, важно е да разбереме дека тоа не подразбира само предизвик да се најде работа. Кон овие високи проценти придонесуваат и фактори како нестабилни работни места  и плата која не соодветствува со компетенциите на вработениот, диспропорционалност на кадрите со побарувачката на пазарот на трудот, феноменот на партиски вработувања, изразитата дискриминација на различни основи при вработувањето, ниското ниво на заштита и гарантирање на работничките права, особено кога станува збро за младите.

Но, евидентно е дека високите проценти поврзани со вработувањето како фактор за одливот на мозоци е мотив за политичките структури да ги фокусираат своите заложби и политики за спречување на овој тренд, токму во оваа насока. Па така, во секое јавно излагање на актуелните политички структури во изминатиот перод, кога се зборува за одливот на мозоци или трендот на масовно исселување од земјава, се забележува напамет научен наратив, главно фокусиран на промоција на политики поврзани со вработување на млади, целосно исклучувајќи цел еден спектар на причини кои претставуваат мотив за исселување на младите, а во насока на подобар квалитет на живот.

Младите НЕ си одат само во потрага по вработување и подобра работа! И ова е факт што никако не смее да се игнорира. Последните истражувања исто така покажуваат дека дури 36% од младите си заминуваат во потрага по подобар живот, што се однесува на генералниот квалитет на живот во земјава. Тоа подразбира животен стандард, животна средина, политичка состојба, социјална и здравствена заштита и слично.

И вработените млади дишат од загадениот воздух

Предизвикот со нискиот квалитет на воздухот и загадената животна средина влијаат кон заминувањето на високо обучените и квалификувани кадри, па дури и оние кои имаат задоволителна и сигурна работна позиција во земјава. Македонските градови неретко се наоѓаат на листите на најзагадени градови во светот, а како што објави Светска банка пред неколку години, над 1.300 луѓе во земјава умираат од загаден воздух.

Бројката на деца и млади со белодробни заболувања расте, а расте и нивото на ПМ10 честички од година во година.

Младите не се осеќаат целосно сигурно во својата земја!

Чувството на сигурност кај младите исто така е на загрижувачко ниско ниво. Последната Студија за млади изработена[1] за период 2018/19 година покажува висок индекс на стравови кај младите поврзани со социјална неправда (2,5 на скала од 1 до 3), зголемена сиромаштија (2,6), загадување и климатски промени (2,6), сериозни болести (2,6), корупција (2,5) и слично, што укажува на тоа дека младите не се чувствуваат сигурни во својата земја. Чувството на несигурност е уште една причина поради која младите бараат подобар квалитет на живот во други земји.

Ваквите податоци даваат јасна слика дека од голема итност е задоволување на основните потреби на младите, а потоа и на останатите, за истите да се заджат во својата земја.

Политичката нестабилност станува неподнослива за младите

Политичките состојби во земјата, честите политички кризи и нестабилноста е фактор кој дополнително влијае врз одлуката на младите да ја напуштат земјата. Последното истражување на Наванти груп, фрустрацијата од политичката ситуација ја потенцира како причина за заминување на дури 36% од младите кои ја напуштиле земјата. Од оние кои млади кои останале во земјата, 61% сметаат дека политичарите не се грижат за нивните мислења, но сепак, интерес за политиката изразуваат само  16,8%.

Ова јасно покажува на разорачаноста на младите од политичките структури, но и на недостигот на нивна желба, мотивација и амбиција да се вклучат во политичкиот живот и да прават системски промени, па така голем број млади решение гледаат во заминувањето.

Какви политики постојат во нашата земја за да се спречи одливот на мозоци?

Единствен национален документ кој директно го опфаќа прашањето на одлив на мозоци е Национална Стратегија за вмрежување и соработка со високо образовани и стручни кадри 2013 – 2020 . За жал за истата има изработено само еден акциски план за 2013 и 2014 година, без никакво известување за текот и нејзината реализација.

Оттогаш до денес, иако одливот на млади кадри се препознава како сериозен општествен предизвик, дури и од страна на креаторите на политики, истиот не се препознава и дефинира како проблем во документите за јавни политики и политичката агенда. Наместо тоа, се применува пристап кон младинските политики насочен кон решавање на поединечни проблеми, најчесто поврзани со вработувањето на младите, иако не постои воспоставен механизам со кој се следи влијанието на ваквиот пристап и колку истиот навистина придонесува кон решавање на проблемот.

Единствен друг документ, кој делумно ги опфаќа предизвиците на младите и причините поради кои тие си заминуваат е Националната стратегија за млади 2016 – 2025.

Што се однесува до перспективата на главните корисници на младинските политики – младите лица, најголемиот дел (67.4%) не препознаваат дека државата има стратегија (формална или не) насочена кон нивно задржување или враќање во земјата. Само 3.6% сметаат дека постои стратегија, 18.1% дека делумно постои, а 10.9% од испитаниците не знаат. Дури 90% сметаат дека постојните политики се неефикасни (69.8% ги оцениле како сосема неефикасни и 20.2% неефикасни), а само 3.1% дека се ефикасни. Во однос на општата перцепција за способноста на државата да го менаџира човечкиот капитал, 84% сметаат дека државата не обезбедува можности за развој на потенцијалот на младите (52.4% дека државата не обезбедува воопшто можности, а 31.6% дека не обезбедува доволно).

Што е потребно да се направи?

Проблемот е толку комплексен што не може да се даде едно решение. Најпрво, не можеме да креираме мерки и политики без точни бројки и статистики, па така, најприоритетно е да се „преброиме“ преку попис на население, но и развивање на функционален систем за следење на мобилноста на граѓаните, вклучувајќи ги младите, кој ќе покажува колку од нив си заминуваат, колку привремено, а колку трајно, но и со каков „капитал“ се враќа секоја индивидуа и на кој начин може да се искористи истиот за развој на нашето општество.

Меѓусекторската соработка и стратешкиот пристап се клучни за адресирање на овој предизвик. Не постои една одговорна институција и не постои една клучна политика. Ефективен пристап за надминување на овој предизвик е единствено преку соработка помеѓу различните институции, од различни ресори, но и вклученост на граѓанскиот сектор и самите млади. Дополнително, клучно е да постои детална анализа и сеопфатна стратегија. Без детална, национална анализа за состојбата и причините кои доведуваат до зајакнување на овој негативен тренд на одлив на мозоци, речиси е невозможно да се креираат квалитетни и ефективни политики и мерки. Но, исто така, ефектот би бил минимален доколку се бара решение на едно прашање, притоа игнорирајќи ги сите останати прашања и предизвици кои доведуваат до оваа појава.

Спречување на одливот на мозоци не е ограничување на младинската мобилност. Она што е од голема важност да се запамети е дека мобилноста на младите МОРА да се гарантира. Заминувањето на младите во други земји за доедукација, доквалификација или од која и да е друга причина може да биде од голем бенефит за младиот човек во насока на градење на самостојност и независност, но и од бенефит за државата доколку истиот тој млад човек се врати и го инвестира стекнатиот интелектуален капитал назад во својата земја.

Илија Станковски

Претставник на Мрежата за спречување одлив на мозоци


[1] Студија за млади на Северна Македонија, ФЕС 2018/19- http://library.fes.de/pdf-files/bueros/skopje/15292.pdf